Нена Трајчевска

Од маалските игралишта во Скопје, каде што ги направи своите први кошаркарски чекори, до спортските сали во Понтеведра, Нена Трајчевска изгради кариера обележана со дисциплина, труд и лидерство.

Прогласена за Најдобра македонска кошаркарка во 2016 година, таа изгради успешна меѓународна кариера што ја одведе на кошаркарските терени во Германија, Шведска, Србија и Шпанија. По години поминати како професионален спортист, денес започнува ново поглавје поврзано со кошарката, овој пат покрај теренот, каде што своето искуство го пренесува како тренер.

Во ова интервју со неа се навраќаме на најважните моменти кои го одбележаа нејзиното пристугнување во Шпанија, и предизвиците од настапувањето далеку од својата земја и на искуството да се изгради успешна кариера далеку од Македонија.  

Која беше причината за твојата преселба во Шпанија. Дали ти ја одбра Шпанија или таа те одбра тебе?

Првичната причина за моето доаѓање во Шпанија беше понуда на професионален договор за работа, односно од  Кошаркарскиот Клуб Арксил од Понтеведра,Галиција.  Поточно, понуда на професионален спортски договор, кој со малку преговори, го прифатив и едвај чекав да пристигнам и започнам со работните обврски. Така што можам да кажам дека беше обострано одбирање.

Како се сеќаваш на твоите први денови во Шпанија? Дали беше лесно да се вклопиш во новата средина или се соочи со некои предизвици?

Моите први денови во Шпанија беа навистина прекрасни. Уште од моето пристигнување луѓето беа толку културни, добри и ми помогнаа премногу да се прилагодам веднаш на нивната динамика и начин на живот, како и начин на работа во новата средина. Искрено и заради таа причина и не се соочив со никакви предизвици или потешкотии.

Спортот често ги поврзува луѓето од различни култури. До кој степен соиграчките и тимот ти ја олеснија интеграција во шпанското општество?

Точно така, спортот е прекрасен и навистина се искусува многу преку истиот. Јас лично ја имав честа да запознаам, да живеам во различни држави и искусам различни култури во текот на мојата играчка кариера. Конкретно во Шпанија како што реков уште на самиот почеток, моите соиграчки, тренерите и всушност сите од тимот беа толку добри и ми помагаа на секое поле и за секои ситници за да се прилагодам брзо, како на теренот така и надвор од него.

Кои културни разлики ги забележуваш помеѓу Македонија и Шпанија, како на теренот, така и надвор од него?

Културни разлики кои јас ги приметував на почетокот има неколку, на кои сега се навикнав и не ми претставуваат проблем. Ќе почнам од професионалниот нагажман и работата, на пример на теренот најголемата разлика за мене доаѓајки од Македонија и балкансото подрачје, едноставно не својствено ми беше смиреноста на самите тренери и играчи после пораз или конкретни грешки на професионално ниво, односно на теренот. Не постои оној притисок на постојана перфекција и на почетокот како што кажав ми беше чудно бидејќи мислев дека нема доволно амбиции, но подоцна сфатив дека сепак не значи дека не сакаме да бидеме успешни или пак немаме амбиции на професионално ниво. Токму напротив, амбициите и целите ни беа на сите исти, но со различен пристап, смирено.

Ми требаше време да се навикнам и да го прифатам истото, но, искрено сега постојано го практикувам и можам да кажам е една од најдобрите промени кои сум ги направила. Следно што ќе одвојам како на професионално така и пна приватно беше, начинот на функционирање околу саатниците, тука сѐ почнува и завршува покасно. Додека во Македонија и во останатите држави во кои имав прилика да настапувам, мене утринските тренинзи ми започнуваа во 08:00ч. или 09:00ч. наутро и попладневните околу 17:00 или 18:00ч., односно завршував со активностите околу 20:00ч. Или 20:30ч.

Тука пак, сѐ започнува и завршува покасно. Утринските тренинзи ми започнуваа околу 11:00 или 12:00ч., а вечерните во 19:00ч. и дури завршувавме во 22:30ч. Што за мене беше прекасно, бидејки тоа значеше дека треба да вечерам по 23:00ч. и  нормално самото тоа води до покасно заспивање во ноќта. Но, се надоврзуваа едно со друго бидејќи следниот ден како што реков тренинзите ми почнуваа покасно, така што по одреден период се навикнав и на тоа.

И како последно би го издвоила времето за сиеста, кое цврсто се практикува во Шпанија. Ми беше невозможно да се прилагодам или да завршам некои обврски во моето слободно време кое беше измеѓу моите тренинзни и токму за времена на сиеста. И имам непопуларно мислење да додадам дека Шпанија е потивка измеѓу 12:00-14:30ч. отколку после 22:00ч. Хахах но секако и на тоа се навикнав и моментално го практикувам и уживам во истото.

Како им ја опишуваш Македонија на твоите пријатели во Шпанија?

Оваа тема ми е омилена. Македонија секогаш ја претставувам како рајот на земјата! Зашто за мене, тоа е вистината и секогаш ќе е така.  

Нормално, секогаш сум искрена и ја кажувам вистината околу стандардот на животот на едно семејство од средна класа од какво што потекнувам јас, зборувам системот и разликите од тука, дека имаме многу на што да работите и подобриме. Но, јас сум личност која е позитивна, гледам секогаш напред кон подобри нешта и мислам дека перцепцијата е многу битна за животот. Така што се тоа не го одзема убавото од Македонија и го потврдувам со тоа што веќе неколку мои пријатели од тука ја посетија Македонија и се заљубија во нашата култура, историја, храната, природа, но најмногу и во нас како луѓе гостопримливи со големи срца. Ја препорачувам, промовирам и опишувам како што реков - неоткриениот рај на земјата кои сите треба да го посетат!

Tвојата  кариера премина од професионална кошаркарка во тренер. Како се одвиваше таа промена и какви можности ти понуди Шпанија за понатамошен професионален развој?

Точно така, кога првпат дојдов тука заради самите луѓе, топлината, како тие ме прифатија и заинтересираноста на самиот клуб јас да останам, а од друга страна и јас се чувствував тука како во мојата втора дома, одлучив многу лесно да се вратам односно да го продолжам мојот професионален ангажман првично како играч. Уште на почетокот во првата година со челниците од клубот разговаравме за моите амбиции да станам тренер откако ќе завршам со играчката кариера и уште таа прва година ми дадоа шанса паралелно со играњето професионално, да работам и како тренер на млади генерации во клубот и да помагам во развој на младите таленти.

Од клубот го видоа мојот потенцијал,  знаење, ангажираност и мотивација и веќе следната година ми помогнаа и ми овозможија одлична можност да се запишам и започнам еден циклус на студии за да можам да добијам сертификат за интернационален професионален кошаркарски тренер, што гордо можам да кажам дека сум во завршен процес на истиот. Така полека но сигурно мојата интеграција од играч кон тренер започна, првите години паралелно играв и работев, кое беше напорно ќе бидам искрена, пред сѐ на физички план, бидејќи на моменти земајќи ги во предвид сите тренинзи кои одредени денови броеа и по 4/5, додадено на тоа сите натпревари преку викендите кои секогаш беа најмалку два и честите патувања на гостински натпревари низ цела Шпанија, така мене потполно цела недела ми беше исполнета без ни повеќе ни помалку само пола ден или пак многу ретко еден ден одмор во неделата доколку имаме слободно утро/ден од тренинзи во текот на работната недела.

Така што слушајќи си го телото колку физички така и ментално, на крајот од минатата сезона се пензионирав од професионалното играње и се посветив на тренерската работа. Веќе од оваа сезона клубот ми даде уште една одлична можност за професионален развој и за прв пат ми ја дадоа довербата и ме назначија за главен тренер на јуниорската екипата, односно девојки до 18години во клубот, исто така и помошен и кондиционен тренер на сениорската екипа во која играв јас до лани.  Да напоменам, активностите и работните саати ми останаа исти, деновите ми се исто толку исполнети, обврските и одговорноста ми се зголемија, но, секако физичкиот напор е многу помал бидејќи јас самата не тренирам туку само ги водам тренинзите. Морам да напоменам дека имав одлична прва сезона со јуниорскиот тим, ја освоивме титулата и сме шампионки во Лигата на Ароуса каде што настапувавме целата сезона и сум супер задоволна од сезоната. Се надевам дека ќе продолжиме на истиот пат и уште подобро.

Која порака би им ја пратила на младите спортисти од Македонија, кои сонуваат да ја продолжат својата кариера во Шпанија?

Сите млади во Македонија кои имаат желба да ја продолжат својата кариера во Шпанија ги советувам истото и да го сторат. Да се осудат на истиот чекор бидејќи искуството е непроценливо. Свесна сум за пречките и по тешкотиите  да се стигне до тука исклучиво во женската кошарка, но сите кои ме познаваат од кошаркарскиот свет знаат дека јас стојам на располагање за да помогнам најдобро што можам во истото. Шпанија е прекрасна и нуди многу можности за напредок како на професионален така и на приватен план.

11.7.2026