Маика Маковски

Маика Маковски е пејачка, текстописец и продуцент, позната по својот уникатен стил кој спојува рок, поп и електронска музика. Таа досега има издадено неколку албуми со многу позитивни критики кои го истакнуваат нејзиниот моќен глас и способноста да спојува различни музички жанрови. Во своите стихови таа истражува теми како што се идентитетот, љубовта и самоспознавањето . Нејзината музика е препознаена како во Шпанија така и на меѓународно ниво, препознавајќи ја како сестран уметник.

Родена во Мајорка, но со македонски корени, денес ни раскажува малку за својата музичка кариера и за нераскинливите врските со македонската култура.

Како ја откри твојата пасија кон музиката? Имаше ли некој специфичен момент во твојот живот кој те инспирираше да го следиш овој пат?

Татко ми Вангел е музичар и ми раскажуваат дека  како малечка не сум сакала да јадам без да ми ја пуштат неговата  касета. Од кога се сеќавам, музиката длабоко ме трогнува. Отсекогаш сум пеела, но на денот кога ја напишав мојата прва песна (на дванаесет години) сфатив дека ќе се посветам целосно на музиката.

Кој е најзначајниот момент во твојата кариера досега? Некои достигнувања на кои си особено горда?

Имав многу драгоцени моменти. Се сеќавам на тремата кога одев да го снимам мојот албум со Џон Периш на 25 години, или на чувството дека конечно заработувам од музиката, ги правам првите турнеи, пишувам песни на кои се гордеам. Особено важни ми се личните успеси.

Иако си родена и растена во Шпанија, знаеме дека твојот татко ти го пренесе наследството на македонската култура. На кој начин македонските корени влијаеја врз твојот живот и кариера?

Татко ми е многу, многу типичен Македонец и ми ја пренесе културата едноставно со начинот на кој тој го живее животот , нешто што јасно го видов кога на 30 години решив да ги „истражам“ моите корени и во тој процес разбрав многу работи за неговиот карактер. Најубавото лето во мојот живот го поминав во Македонија. Таму почнав да го учам јазикот (кој сè уште го зборувам како почетник) и не престанав да се обидувам да ги впивам сите аспекти на земјата: хуморот, гастрономијата и сите „ритуали“ околу храната, историјата, сегашноста и, се разбира, музиката, која е убава и многу богата и која дотогаш ми беше непозната.

Знаеме дека и посвети песна на Македонија, чин кој заслужува посебна почит. Каков беше процесот на создавање на таа песна? Какви емоции сакаше да пренесеш со неа?

Тоа лето 2013 година во Македонија не беше само забавно. Тоа беше огромно животно искуство за мене. Се чувствував како да живеам нешто што било пишано. Запознавањето со моето пошироко семејство, моите корени, тој дел од мене што беше празен поради далечината,  сето тоа беше катарзично и трансформирачко искуство и  сфатив дека нема враќање назад. Почувствував вистинска носталгија кога си заминав и љубов и благодарност за сите луѓе кои ме пречекаа, за моето семејство, но и за секое љубезно и гостопримливо лице на многумината што ги има во нашата прекрасна земја. Во авионот назад го напишав најголемиот дел од стиховите. Музиката дојде сама. Тоа е песна која често ме расплакува кога ја пеам, а тоа ми се случува само со таа песна.

Кои се твоите главни музички инспирации и од Шпанија и од Македонија, и како ги интегрираш во твоите композиции?

Имам многу разновидни и многу внимателно одбрани музички влијанија. Кога нешто ми се допаѓа, ми се допаѓа силно, но далеку од тоа дека ми се допаѓа се. Но, ќе зборувам за македонската музика. Најчесто добивам препораки да ја слушам музиката на Тоше Проески, но јас лично ги претпочитам постарите пеачи: Александар Сариевски, Васка Илиева. Имам албум од Ангеле Димовски, кој ми е многу драг, врвен кавалџија . Да споделам со вас еден куриозитет , јас сум во роднинска врска со познатиот кларинетист Тале Огненовски. Тој е од семејството на баба ми.

Последен пат кога бев во Загреб, отидов во една продавница за плочи (Вудсток!) и побарав југословенски рок плочи од 70-тите години и купив албуми од Смак, Метак, Дивље Јагоде, Ју Група, Друг Начин и секако синглот на Тајм и Дадо Топиќ со нивната песна „Македонија“.

Музиката може да биде мост меѓу културите. На кој начин сметаш дека твојата музика може да помогне да се зајакне врската помеѓу шпанската и македонската заедница?

Мислам дека од моите зборови се гледа колку многу љубов имам кон Македонија. Сум свирела македонски песни на моите концерти и на мојот нов албум има две песни во 7/8ки такт што го научив свирејќи песни како „Јовано Јованке“ , популаризирајќи го македонскиот ритам .Секогаш зборувам за тоа колку ја сакам таа земја. Се надевам дека мојата љубов ќе се прелее на другите, барем така мислам.

Type image caption here (optional)

Како би ја опишала Македонија на твоите пријатели во Шпанија?

Тоа е место полно со можности, убаво, преубаво, отворено и топло како прегратка, носталгично како убава поема, среќно како народна песна. Се разнежнувам на самата помисла на тоа парче земја.Посакувам политичарите да го оправдаат човечкиот квалитет на нејзините жители.

Дали има нешто друго што би сакала да споделиш со читателите на македонската заедница во Шпанија?

Ако некој познава некој тапанар со кој може да соработуваме, ве молам контактирајте ме! Многу ве сакам сите. Да живее Македонија!

14.3.2025