Клеопатра Филипова де Хорхе Падрон

Да се разговара со Клеопатра Филипова де Хорхе Падрон е како патување низ свет во кој  зборовите природно и со емоција преминуваат од еден јазик на друг. Родена во Македонија, но истакнат филолог и преведувач во Шпанија , својот живот го посветила на промоција на македонската литература во земјите од шпанско говорно подрачје, отварајќи пат за поврзување на автори и читатели без оглед на границите.

Нејзината професионална патека е длабоко испреплетена со онаа на нејзниот сопруг , истакнатиот шпански поет Хусто Хорхе Падрон , со кого поминала повеќе од триесет и пет години заеднички живот и творештво.

Во ова интервју зборуваме за нејзиниот професионален и персонален пат,за  силната врска со литературата и што значи да се зачува македонскиот идентитет кога се живее во странство. Еден многу искрен разговор, полн со спомени, книги и страст кон културата.

1. Вие сте првата Македонка која се доселила во Шпанија. Која беше причината за Вашето доаѓање во Шпанија и како го доживеавте прилагодувањето во новата средина и култура?

- Да, точно е, јас сум првата Македонка доселена во Шпанија во 1988 година, кога сѐ уште бевме во склоп на Југославија. Од 1986 бев во љубовна врска со истакнатиот шпански поет, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата 1990, а потоа мој сопруг, Хусто Хорхе Падрон. По моето пристигнување во Шпанија немав никакви потешкотии да се прилагодам. Ми стана атрактивна таа промена бидејќи Шпанија е многу убава земја, топол медитерански народ со сличен менталитет на нашиот, пријатен, духовит и гостопримлив. Нашиот живот беше постојано исполнет со многу пријателски средби со поети, со чести патувања во разни земји како и низ Шпанија, на светски конгреси или поетски фестивали. Освен тоа, ние поминувавме доста време и на Канарските острови, поточно островот Гран Канарија, родното место на мојот сопруг, каде сѐ уште живее поголем дел од неговото семејство. Секоја зима ја минувавме во Лас Палмас, пролетта и есента во Мадрид, а летото во Скопје. Во Мадрид исто така имавме чести средби во Југословенската амбасада, односно во резиденцијата на тогашниот амбасадор Фаик Диздаревиќ и неговата сопруга Никол, французинка. Тоа беше интересен период, се собиравме во амбасада за празници, но и без некаков посебен повод, бидејќи станавме многу блиски пријатели со Фаик и Никол, и понекогаш гледавме и фудбалски натпревари со Миљан Миљаниќ, поранешен тренер на Реал Мадрид, кој често доаѓаше во Шпанија. Понекогаш, по одиграниот натпревар доаѓаа и фудбалерите, Мијатовиќ и Шукер, со тогашниот тренер Радомир Антиќ, па го коментиравме натпреварот заедно. Тогаш во Мадрид живееше и Корнелие Ковач и често се гледавме на вечери во амбасадата. Беше многу интересен период кога одлично се дружевме сите Југословени, меѓу кои само јас бев Македонка. Миљаниќ многу ги сакаше Македонците и секогаш ми зборуваше на македонски, членувајќи го скоро секој збор (моето македонското девојче). Беше многу пријатен и духовит човек.

Исто така имавме и книжевни средби, на пример кога доаѓаа писатели од Југославија, како Милорад Павиќ на промоција на неговиот Хазардски речник на шпански, Матеја Матевски кога присуствуваше во Друштвото на писателите на Шпанија по повод промоцијата на Антологијата на македонската поезија, со илустрации на Глигор Чемерски. Тоа беше првата поопширна антологија на македонската поезија објавена во Шпанија 1989, во списанието „Екиваленсијас“, на три јазици: шпански, англиски и македонски, и го привлече вниманието на шпанските читатели кои за првпат имаа можност да ја запознаат македонската поезија. Преводот беше мој во соработка со мојот сопруг. Потоа следеа и други преводи од македонски автори објавени во Шпанија, и шпански автори објавени во Скопје.

По независноста на Република Македонија, немавме дипломатско претставништво. Мојот сопруг 1996 беше именуван Почесен Генерален Конзул на Македонија во Шпанија, од страна на Претседателот Киро Глигоров, како благодарност за неговиот придонес и голема заангажираност околу меѓународното признавање на Република Македонија.  Беше единствениот дипломатски претставник сѐ до именувањето на Луан Старова на функција Амбасадор во Франција, Шпанија и Португалија со седиште во Париз. Потоа веќе одлучија да испратат директни наши амбасадори во Мадрид. Шпанија е навистина многу битна дестинација, имајќи го предвид нејзиното влијание и огромното јазично покритие во цела Јужна Америка.  

Мојот сопруг беше многу сакан и почитуван во Македонија, каде се чувствуваше како дома, и толку многу ја засака земјата и народот што им посвети цела книга, под наслов „Светлините на Македонија“ (Fulgor de Macedonia), објавена 2015 во Мадрид, кај издавачот Витрувио. На ниедна друга земја не ѝ посветил посебна стихозбирка. На тој начин ја запечати засекогаш неговата љубов кон нашата земја, која исто така му ги врачи сите најзначајни награди и признанија за неговото поетско дело, го именува како Надворешен член на МАНУ, Почесен член на Друштвото на писателите на Македонија, Почесен граѓанин на Струга, Златен венец на СВП, Златен медал „Блаже Конески„ на МАНУ, итн.

По повод  двегодишнината од неговото заминување, во април 2023 година, од страна на Шпанската амбасада во Скопје, во соработка со Струшки вечери на поезијата, Друштвото на писателите на Македонија и Националната библиотека „Климент Охридски“, се одржаа три омажи посветени на неговата поезија:

11.4.2023 – Струшки вечери на поезијата, во Паркот на поезијата, Струга.

20.4.2023 – Друштво на писатели на Македонија, Скопје.

23.4.2023 – Национална библиотека „Климент Охридски“, на Меѓународниот ден на поезијата, со изложба на негови книги во салонот на библиотеката.

2. Како успеавте да го сочувате својот македонски идентитет во процесот на интеграција во шпанското општество. Кои аспекти од македонската култура најмногу ги одржувавте во Вашиот секојдневен живот?

- Па мислам дека не е воопшто комплицирано, многу е лесно да се сочува својот идентитет во странство ако го носиш цврсто врежан во своето битие. Барем за мене е така. Каде и да живеам, јас сум и се чувствувам како Македонка и покрај тоа што, ете, скоро веќе четири децении живеам во Мадрид. Морам да признаам дека сум сосема вклопена во шпанското општество. Поголемиот дел од животот го имам поминато токму тука, во Шпанија, каде навистина се чувствувам како дома. За жал, мојот сопруг повеќе не е со нас, почина од КОВИД 2021-та, но јас и понатаму останувам да живеам тука, во Мадрид, заедно со нашата ќерка Лара. Секоја година одиме во Скопје на лето по месец – два, а понекогаш и за Божиќ и Нова Година, зависно од времето со кое располага Лара. Инаку тука имам доста блиски пријатели, од кои повеќето се писатели. Ме покануваат на сите нивни промоции на книги или рецитали и одржуваме контакти.

Во мојот секојдневен живот постојано е присутна Македонија, нормално. Во тек сум со сите збиднувања во татковината и покрај тоа што не се секогаш пријатни, особено во последните неколку години во кои е мошне забележителен застојот. Македонија го минува својот најкомплициран период. Има премногу болни точки кои би можеле да ги протолкуваме, но не би сакала ова интервју да биде извалкано со политички наративи.

Затоа да преминеме на нешто убаво и пријатно, како што е нашата богата и долговековна историја. Потоа, на пример, македонската кујна, најдобра, или меѓу најдобрите на светот, ајде да не бидам суетна. Секогаш е присутна во нашиот дом. Мојот сопруг беше воодушевен од македонските јадења, но исто така и нашите странски и шпански пријатели кои ни доаѓаа на гости.

Освен тоа, македонската музика е повод за длабоки чувства, без разлика дали поттикнува радост или тага, чувствата се автентични како и самата музика. Македонскиот мелос е еден ео најомилените и најистакнатите на Балканот. Македонскиот фолклор е мошне богат, разновиден и атрактивен за секого, не само поради убавите ора, туку и поради нашата преубава традиционална носија.  

3. Вашиот ангажман во промоцијата на македонската литература во Шпанија е широко препознаен. Кои писатели или литературни дела, според Вас, најавтентично го претставуваат македонскиот книжевен дух?

- Не е толку едноставно да се одберат неколку имиња кои на најавтентичен начин би го претставиле македонскиот книжевен дух. Би рекла скоро сите од постарата генерација, великаните Славко Јаневски, Блаже Конески, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре Андреевски, Влада Урошевиќ итн., се достојни претставници и стожери на македонската книжевна традиција, но не би можела да ги изоставам помладите, меѓу кои има истакнати имиња кои ги претставуваат нашите богати книжевни корени. Можеби меѓу помладите генерации во последно време сѐ почесто наидуваме на еден нов колоквијален стил, сличен на англискиот, со директен и секојдневен говорен израз и збогатен со игра на зборови кои доведуваат до брза реакција, добиваат во духовитост, но губат во длабочина на мислата и некако се оддалечуваат од богатата традиција. Станува збор за еден вид иновација, нов творечки бран, еволуција која ни го наговестува новото време, иднината на поезијата.

Уште од самиот почеток на моето доселување во Шпанија, целта ми беше да ги зближат овие два народа и да им овозможам подобро и посуштински да се запознаат, а секако дека ќе се сложите и Вие, најдобриот начин да се постигне тоа е преку културата у традицијата, но секако и преку запознавањето на природните убавини на овие две земји.  Заедно со мојот сопруг решивме да почнеме со превод на македонски автори и да ги објавиме во Шпанија, па и пошироко на шпанското јазично подрачје, во Јужна Америка. Јас го правев преводот од македонски на шпански, а потоа со сопругот работевме заедно на препевот. Тука неговиот придонес како истакнат поет беше клучен, за да им даде природна поетска форма на стиховите, да не се примети дека се преведени, туку да личат како оригинални шпански песни. Одлично соработувавме двајцата и имавме објавено преводи од многу други јазици, не само од македонски. Инаку, јас сум филолог, зборувам неколку јазици, и тоа ми овозможи да преведам разни автори од светската поезија. Мажот ми беше директор на поетското списание "Екиваленсијас" во кое сите автори се претставуваа на три јазика: на шпански, англиски и на јазикот на авторот. Имавме одлична шанса да објавиме многу странски автори поединечно, или во склоп на антологиски избори од разни земји.

Хусто беше вљубен во поезијата, беше вистински поетски ерудит. Не се занимаваше исклучиво со пишување на сопствената поезија, туку имаше голем интерес да запознае автори од други земји и нови јазични подрачја, да ги преведе и да им ги претстави на шпанските читатели. Така направивме и со македонските автори и навистина можеме да се гордееме со нашите литерати, било да се поети или романсиери.

4. Како им ја опишувате Македонија на Вашите пријатели во Шпанија?

-Нашите пријатели знаат многу за Македонија, бидејќи е секогаш присутна во нашите разговори. Ние сме земја со богата историја, лулка на словенската писменост, татковина на кириличното писмо, со значително христијанско влијание, со знаменити зографски школи, со стотици цркви од византискиот период, исполнети со прекрасни фрески и икони, кои се стожери на нашето далечно историско минато, земја со раскошна природа и со топол и гостопримлив народ.  Многумина од нашите пријатели веќе ја имаат посетено и се вратија воодушевени дома. Сите знаеме дека природата во Македонија нѐ дарила со изобилна убавина, која напати не знаеме да ја цениме. За разлика од нас, странците ги приметуваат сите тие убавини и знаат да им се воодушевуваат на таа благородна природа. Мислам дека не треба само да се гордееме со тие благодети, туку треба да знаеме и да ги сочуваме,  да ги негуваме за да продолжат да блескаат пред окото на набљудувачот, но и затоа што тие се нашето природно наследство, нашето богатство.  

Потоа, незаборавниот елемент за сите странски посетители, нашата магнетна сила е кујната. Сите зборуваат за нашата богата и разновидна трпеза која ги остава без зборови и најпрефинетите гурмани. Дури и наједноставните домашни јадења се сластен предизвик за секого: тавче-гравче, полнети пиперки, сарми, пинџур, ајвар, мусака, турли тава, потпечен ориз... Можам бесконечно да набројувам. Имаме прекрасни земјоделски производи,  фантастичен зеленчук, сочно и неспоредливо овошје со посебен вкус, секакви житарици. Што ли сѐ не раѓа оваа наша плодна земја!

5. Кои нешта од Македонија најмногу Ви недостасуваат, а од друга страна, со кои свои убавини Ве освои Шпанија ?

- Најмногу ми недостасуваат семејството и пријателите, и покрај тоа што постојано се слушаме на телефон, ама, сепак, друго е кога сум во Скопје, кога ќе се собереме дома или во некој од нашите омилени ресторани. Ми недостасуваат прошетките низ Скопје, на кејот на Вардар, во Турска чаршија на кебапчиња и турско кафе или салеп ако е студено; ми недостасува мирисот на липите, снежното Скопје од детството, бурекот, ајварот, пинџурот, сето тоа што го немам во Мадрид. Ми недостасуваат летните денови со пријателите во Охрид, вечерните прошетки крај езеро, дружењето со поетите на Струшките вечери на поезијата, ноќните прошетки покрај Дрим. Колку убави спомени! Чувствувам носталгија за тоа среќно време. Ми недостига присуството на моите најсакани кои веќе не се со нас, но нивните ликови се строго врежани во моето сеќавање и во моето срце.

А што се однесува до Шпанија, кога дојдов да живеам тука ме плени топлината на шпанските пријатели, кои уште веднаш многу убаво ме прифатија и ми помогнаа да не ја чувствувам толку силно празнината за родниот крај. Ми се допадна нивната животна филозофија, која е доста блиска со нашата, не е битно како и каде, битно е убаво да си поминеме и покрај проблемите кои секогаш наѕираат од сите страни. Од друга страна, ме воодушеви шпанската уметност, музиката, богатата историја, кујата, убавата и разновидна природа, прекрасните плажи, шпанското вино, специфичното синило на мадридското небо, многубројните сончеви денови, менталитетот на народот, радоста што одекнува од нивното гласно зборување. Шпанија е прекрасна земја која нуди многу можности за убав и комотен живот. Многу лесно се прилагодив на ова секојдневие, кое веќе го чувствувам како свое.  

6. Во контекст на Вашата мисија да воспоставите културен мост помеѓу двете земји, како ја гледате улогата на македонската заедница во Шпанија во процесот на промоција на македонската култура?

- Сметам дека македонската заедница во Шпанија е несомнено корисна во процесот на промоција на македонската култура. Секоја активност на тоа ниво е од големо значење, бидејќи ги приближува македонскиот и шпанскиот народ воспоставувајќи културни мостови за меѓусебно запознавање. Ние сме земји со стара и богата традиција која взаемно би нѐ збогатила. Освен тоа, македонската заедница  е многу битна за нашите македонски доселеници во Шпанија кои во неа го наоѓаат тоа родно катче кое им овозможува да се чувствуваат како дома, опкружени со свои луѓе и. заедно со поддршката на Македонската амбасада во Мадрид, им нудат еден вид безбедност, која успокојува на извесен начин. Од друга страна, самата таа заедница потпомага да се прошири кругот на шпанско-македонските врски кои вродуваат нови пријателства, може да промовира наши производи кај шпанските граѓани, да им ја приближи нашата традиција, нашите навики, да ги запознае со убавините на Македонија. Оваа заедница е еден вид втора амбасада во Мадрид. Јас порано со Хусто и со Лара, кога беше помала, присуствувавме на доста средби во амбасадата, но со текот на времето сѐ помалку почнавме да одиме заради нашите чести патувања. Во секој случај, повеќето од Македонците во Шпанија се многу млади луѓе, доста помлади од мене, така што исто така и генерациската разлика си го прави своето. Многу се радувам кога дознавам колку млади способни и успешни Македонци се истакнуваат во својата стручност и се мошне почитувани во фирмите во кои се вработени. Во Шпанија не сме многубројни, сѐ уште за Македонија Шпанија не е честа дестинација за живеење, но со текот на времето сѐ повеќе храбри млади стручњаци се обидуваат да си отворат пат на ова поднебје.  

7. Кога би можеле да им испратите порака на сите оние кои емигрирале и размислуваат, сонуваат и чувствуваат паралелно на два јазика , која би била таа?

- На сите наши сонародници во Шпанија би ги посоветувала да ги сочуваат нашите обичаи, да ги слават заедно со шпанските, да продолжат да го  негуваат нашиот јазик, да зборуваат со своите деца на македонски, иако можеби повеќето од нив се родени во Шпанија и се школуваат во шпански училишта. Лара, ќерка ми, одлично зборува македонски, со чист македонски изговор, зашто од кога се породив ѝ зборувам само македонски. Со татко ѝ и на училиште зборуваше шпански и немаше никаков проблем со нејзиниот билингвизам. Кога одиме во Скопје многу ѝ е убаво, си има многу пријателки со кои се дружеа уште од детството и сега се големи девојки, излегуваат заедно и си ја живеат убавата младост. Познавањето на македонскиот јазик ѝ помогна многу во тоа. Ако не го знаеше јазикот нема да сакаше ниту да доаѓа во Македонија, како многу други деца, чии родители не биле упорни да ги научат македонски. Со тоа не само што ги ограничиле нивните контакти со македонскиот дел од семејството, туку и им ја ускратиле мошноста за приближување кон другите словенски јазици. Ако ние не се потрудиме македонскиот јазик да го говорат нашите деца, тогаш како ќе бараме други да го изучуваат.  

Би било убаво да се зголеми бројот на Македонците во Шпанија и заедницата да може да организира повеќе активности од културен вид, литературни средби, рецитали, концерти од наши пеачи, уметнички изложби или фолклорни настапи. Но за сето тоа да биде полесно изводливо, најпрво ни е потребна една директна авионска линија Мадрид – Скопје. Со тоа би овозможиле да има многу повеќе туристички патувања на Македонци во Шпанија и на Шпанци во Македонија. Запознаена сум дека двете амбасади, и шпанската во Скопје и македонската во Мадрид, сериозно се заангажирани околу овој проблем, па да се надеваме дека наскоро ќе вроди плод. На сите ќе ни го олеснат многу животот. Наместо секое наше патување да биде тур низ Европа за да стигнеме од Мадрид во Скопје, би било фантастично со директен лет за три или три и пол часа да сме дома. Постојат ветувања за такво нешто. Иберија ланската година дури реализираше еден пробен лет, ама оттогаш нема ништо ново. Да стискаме палци!

Драги сонародници, Ви благодарам што ми направивте чест да ме поканите да учествувам со ова мое интервју за „Сонце“. Ви благодарам на вниманието и Ви посакувам сѐ најубаво во вашето прилагодување на шпанското секојдневие и успеси на секое поле.

Ова прекрасно интервју го затвараме со песната за Македонија , од авторот Хусто Хорхе Падрон, наградена како најдобра песна на Струшките вечери на поезијата. Препевот на македонски е на Клеопатра Филипова и Матеја Матевски.

ЈАС СУМ ЧОВЕКОТ ШТО ТЕ ЉУБИ

Јас сум човекот што те љуби, Македонијо.

Не се родив во земјава твоја со златни ливади

кајшто тополите треперат како класје

и чучулигата каде го напушта на ветерот

својот жален пој. Те избрав јас тебе меѓу сите

зборој, зошто си најсакана ти,

за возбудата што ми ја всадуваш во крвта мене,

за твојата растреперена душа, за вистината твоја, за пламенот твој.

Тајна една верба има што тагата ја пишува.

Од кај ли иде не знам, но воздухот секојдневно ја носи

со воздишката на споменот мој,

ја втренчува, заколнува пред законот на честа моја.

Се раѓаат во мене реките твои, посевите твои ми растат

со зелена преданост, низ вените мои го слушам јас

шепотот на водата од езерата и изворите твои

што ми кажуваат за твојата вековна тага,

оставајќи ги во мојот пролеан спомен

светлите подвизи и болката на историјата твоја.

Постојано во градиве мои морето, морето што ти го грабнаа тебе,

Кревајќи се со своите намачени бранови,

течејќи со лулеењето свое во блесоци од пена

заробена. Ме боли плачот

на твоето угнетено време кога душманите

го изневерија твојот благороден прием ,

ти го урнаа мирот и складноста твоја

и ги убија твоите синови храбри.

Како да ти ја искажам јас, татковино на копнежите мои,

сласнава и измачувачка љубов што ми ја влеваш

со меланхолијата што продира во утробата моја.

Јас во тебе живеам љубено чувство,

Како вода излеана за да ги бакнам камењата твои

Верба и сила да всадам во корените твои

За да ја извишам на крошните од дрвјата

Песнава моја што е песна твоја и на ветерот

Да му го препуштам солидарниот мирис на поемата и овој љубовен пакт со надежта твоја.

Македонијо, ти се колнам, таму кајшто живеам јас

зборот твој ќе биде како копнежна музика

што срцето го довикува на оние кои не те знаат

и те презираат тебе. И кога ќе пристигне денот

кога гласот мој  ќе згасне, тогаш Македонијо,

ти се колнам јас во сите наши сништа

дека пак ќе се родам среде изворите твои .

Ќе дојдам од облаците што зората ја будат,

Ќе слезам со дождот , ќе никнам од калта,

Ќе горам од нетрпение јас со убавина и љубов

за да стигнам до тебе и да се престорам јас

во дел од светлината твоја, од зборот твој,

за повторно да бидам страста твоја,

човекот што се вика Македонија.

15.7.2025