Емилија Георгиевска Наневска

Емилија Георгиевска Наневска е успешен психолог, член на Официјалниот Колеџ за психологија во Мадрид. Своето академско образование го стекнува во Македонија, САД и Шпанија, а денес работи како психотерапевт  и клинички психолог во нејзината приватна ординација во Мадрид.

Како мајка на дете со посебни потреби, таа е многу активна во промовирањето на правата на лицата со попреченост, како во Македонија, така и во Шпанија.

Денес со нас, Емилија ги споделува своите размислувања за нејзиното пристигнување со семејството во Шпанија пред 15 години, како и научените лекциите од тоа искуство. Придружете ни се во овој разговор, кој сведочи за прекрасната приказна за издржливоста и привикнувањето на шпанскиот систем од страна на едно македонско семејство.

Колку време живеете во Шпанија и која беше причината да се преселите тука со семејството?

Со сопругот, Александар Наневски, ја започнавме нашата емигрантско-имигрантска сага уште во далечната 1997 година. Да, толку сме стари :). Сопругот започна докторски студии во Питсбург, САД, што беше директниот повод за нашата емиграција; јас му се придружив поради љубов, без некоја посебна лична желба за живеење надвор. Во Америка откривме што значи да се биде имигрант, странец, но и студент вовлечен во возбудлив и многу инспиративен академски свет. Ја напуштивме Америка во 2007-та година, речиси исти, но со една ќерка и две докторски дипломи плус. Ќерката, Калина, се роди во Бостон, со повеќе медицински компликации и пречки во развојот, што за мене значеше поголема потреба и желба да бидеме поблиску до семејствата во Македонија; оттаму, одлучивме да се преселиме во Европа.

Веќе запознаени со Англо-саксонската култура и јазик, за нас најприродно беше да се преселиме во Англија. Така, во 2007-та година, од Кембриџ, Бостон, се најдовме во Кембриџ, Велика Британија. Две години потоа, на самиот крај од 2009-тата година, многу неочекувано, професијата на сопругот не’ донесе во Мадрид, Шпанија. Тука сме веќе 15 години (кои нам ни прелетаа како пет). Најголем потсетник за тоа колку долго сме во Шпанија ми се сликите од Калина на почетокот и сега. Калина дојде во Шпанија со 5 години, а ова лето ќе наполни 20.

Каков беше процесот на прилагодување кон шпанскиот систем? На какви предизвици наидовте на почетокот?

Прилагодувањето не ни одеше лесно. Дојдовме во Шпанија откога веќе бевме добро прилагодени на американскиот систем, култура и јазик. Кога се преселивме не знаевме ни збор шпански (освен фразата vamos a la playa од истоимената песна од 1983 година :)) Пристигнавме со неколку предрасуди: дека насекаде во Европа се зборува англиски; дека со американски дипломи и американско-британско искуство нема да имаме никаков проблем со прилагодувањето и вработувањето; дека имаме искуство со имиграција и ништо не може да не’ изненади. Се излажавме околу сите три нешта. Најголемите предизвици на почеток ни беа јазикот и кафкијанската бирократија.

Всушност, со доаѓањето овде многу неочекувано откривме еден сосема друг културен универзум, паралелен на англо-саксонскиот. Меѓу другото, ме шокираа разликите во клучните референци во мојата професија: овде психоаналитичарите збореа за за мене сосема непознати автори, а тие, обратно, појма немаа за авторите популарни во Америка.

Ти си успешен психолог во Шпанија, но кој момент би го издвоила како најважен во твојата професионална кариера во Шпанија?

Пристигнав во Шпанија како клинички психолог со американски докторат и специјализација кои не беа препознаени. Единствено успеав да направам таканаречена хомологизација на факултетската диплома по психологија од нашиот универзитет, Кирил и Методиј. Тоа значеше дека после долги години на специјализација не можев да работам како клиничар. За среќа, американската Ph.D. диплома ми ги отвори вратите на неколку американски универзитети со кампуси во Мадрид каде што со години предавав најразлични психолошки предмети, од вовед во психологијата, преку психологија на здравјето и социјална психологиа, до клиничка психологија. Но, тоа значеше и дека многу години, слично како и сопругот, работевме и се движевме во еден интернационален меур во Мадрид каде што зборувавме само англиски и се социјализиравме со луѓе од други земји, што ја успори нашата интеграција во домородната Шпанија. Од друга страна, пак, транзицијата од Америка кон Шпанија ни беше попостепена, помека.

Сепак, мојата главна цел беше да работам како клинички психолог. Бргу сфатив дека иако професионално користам само англиски јазик, морам да го усовршам шпанскиот и да влезам во шпански професионални асоцијации. Се запишав на неколкугодишна едукација за психоанализа во Centro Psicoanalítico de Madrid. Се шегував дека тоа беше убивање на две муви со еден удар: учев и шпански и психоанализа во исто време, односно учев шпански јазик на психоаналитички часови, наместо во школа за странски јазици. Со таа едукација стекнав многу важен круг на колеги кои и ден денес ми праќаат пациенти во приватната пракса која ја отворив подоцна и со кои и ден денес продолжуваме да имаме едномесечни семинари и супервизии. Потоа завршив двегодишна магистратура која ми ја даде лиценцата потребна за да работам како психотерапевт. Денес работам како клинички психолог и психоаналитички психотерепевт во приватна пракса и сум активен член на две психоаналитички организации .

Што е она што најмногу ти недостасува од Македонија, а што најмногу цениш во Шпанија?

Иако повеќе од 25 години сме излезени од Македонија, сеуште сум многу поврзана, а и присутна таму (порано и со соработки на повеќе професионални психолошки проекти со колеги од Македонија, а сега со честите престои во Скопје). Најмногу од Македонија ми недостигаат блиските луѓе. И после толку години надвор не успеав да создадам дистанца; напротив, постојано го имам чувството на два дома. Кога сум во Мадрид, едвај чекам да одам „дома“во куќата на моите, каде што пораснав, а кога сум во Скопја, со душа чекам да си дојдам во мојата дома во Boadilla del Monte, да си се погрижам за цвеќината во мојата мала балконска градина и да си уживам во прекрасните шуми и паркови наоколу.

Ако тргнам од идејата дека домот е онаму каде што нервниот систем ни е најсмирен и најсталожен, јас навистина имам два дома.

Во Шпанија, покрај умерената и пријатна клима, одлична кујна (особено баскијската :)), пејсаж на екстреми, од пустински, речиси афрички, до моите омилени северни, зелени, речиски ирски предели, најмногу од се’ ми значи нивниот одличен систем на социјална заштита. Како што спомнав, ќерката Калина се роди со повеќе здравствени предизвици. Дојдовме во Шпанија без да знееме ништо за нивниот здравствен и социјален систем. Откривме една фантастично уредена земја во која најранливите, децата и возрасните со попреченост и други хронични предизвици, се спастрени во секаков смисол. Од соодветни специјални школи, дневни центри и други установи, до најразлични ресурси за дружења, прошетки, и грижа на луѓето со попреченост. И секако, повремени можности за викенд излети на нашите деца, со цел ние родителите да се одмориме. И со сета поддршка не е лесно, но без неа, не можам ни да замислам како би преживееле. Овој тип на ресурси за жал е непостоечки во Македонија, каде што нема соодветни училишта и дневни центри за децата со посериозни попречености кои не можат да се инклудираат во редовната настава.

Покрај системот за социјална заштита, она што ми прави најголем позитивен впечаток во Шпанија се луѓето и нивниот однос кон поинаквите. Во сите 15 години овде немам ниту едно негативно искуство со односот на луѓето кон Калина, ниту на улица, ниту во ресторан, ниту во било која институција. Напротив, постојано наидувам на емпатија, спремност за помош, отвореност, па дури и љубов, без исклучок, во сите сфери на нашето живеење. И честопати се прашувам на што се должи тој посебно-шпански релаксиран и позитивен однос кон луѓето како Калина; како да се родени со некаков социјално-инклузивен ген. Уште не сум го нашла одговорот, но за мене тоа е најубавиот дел од Шпанија.

Веројатно поврзано со оваа карактеристично шпанска отвореност кон различните, е и интересниот спој на контрасти: исклучително религиозна земја со исклучително либерални социјални политики (да не заборавиме дека религиозно-конзервативната Шпанија е трета земја во светот во која се легализираат истополовите бракови). Овој тип на спој-на-контрасти ја прават Шпанија многу интересен контекст за живеење.

Што би сакала да додадеш за крај?

За жал, ова интервју го правиме точно еден месец по трагедијата во Кочани. Трауматскиот настан е многу свеж и ќе го процесираме и обработуваме уште многу долго време. За сите нас Македонци, Кочани е настан кој прави рез во времето; сите ние ќе продолжиме да живееме со едно ПРЕД и едно ПОСЛЕ Кочани, рез врежан во нашата колективна свест. Една светла точка за мене (ако може тоа воопшто да се каже) пост-Кочани е реакцијата на македонска заедница во Мадрид, која се истакна со голема ефикасност и солидарност во однос на седумте повредени млади луѓе пренесени во две мадридски болници, заедно со нивните семејства.

Ме воодушеви ефикасната организација и ангажманот на многу наши во Мадрид (околу превод, логистика, транспорт, правење друштво, навремено и прецизно информирање), во дослух со македонскиот амбасадор Едмонд Адеми, и двете претставнички на „Шпанско-македонското културно здружение ,,СОНЦЕ“, Габриела Тоневска и мојата интервјуерка Оливера Санчез. Ви благодарам од срце за вашиот ангажман и чувство за организација во ваков деликатен момент.

16.4.2025