Димитар Стојанов

Македонската заедница во Шпанија изобилува со лични приказни за трудoљубивост, истрајност и успех. Денес разговараме со Димитар Стојанов, македонски економист кој успешно се проби на шпанскиот финансиски пазар.

За себе ќе рече ,, Јас сум Диме од Кавадарци – срцето на Тиквешијата, градот на виното и песната”.   

Тој живее во Шпанија повеќе од 20 години и е активен член на Центарот за финансиски студии во Мадрид.

Преку неговото искуство, ќе ги запознаеме не само предизвиците при интегрирацијата во нова професионална култура, туку и вредноста на одржување на корените, поддршката на заедницата и градењето мостови помеѓу Македонија и Шпанија.

Колку време живееш во Шпанија и која беше причината да се преселиш тука?

Веќе 21 година живеам во Шпанија, од кои речиси цели 20 години во Мадрид, а неколку месеци имам поминато и во Барселона.  

Мојата животна приказна, сепак, започна многу порано – во далечната 1999 година, како студент на Земјоделскиот факултет во Скопје, насока Лозарство и  Овоштарство. 

Тогаш ми се отвори можност да заминам во Англија на привремена студентска работа. Ја зграпчив шансата и – патот започна. 

Од детска фантазија – до авион за Лондон 

Како дете, обожавав географија. Сакав да патувам, да истражувам.  

Често стоев пред картата на светот залепена на ѕидот во детската соба и замислував каде би можел да бидам. Кога ја добив визата за Велика Британија, не можев ни да претпоставам дека тоа ќе биде само првиот чекор во мојата меѓународна приказна. Со 22 години, за првпат летав со авион. Кога стапнав на лондонско тло, почувствував нешто што засекогаш ќе остане дел од мене – возбуда, страв, адреналин... и бескрајна радозналост.  

Лондон беше нов свет, космополитски, шарен, динамичен. Си реков – тука припаѓам, но и тука учам. 

Во Лондон поминав речиси 6 години, стекнувајќи животно и професионално искуство, пријатели од целиот свет, нови перспективи.  

Многу работев, но и многу растев – како човек и како професионалец. 

Од Лондон – назад кон медитеранското сонце 

Љубовта кон виното, храната и угостителството ме водеше кон нови хоризонти. Со помош на неколку курсеви за Hospitality Management, добив работа во познатиот Melia White House Hotel – луксузен шпански хотел во центарот на Лондон.  

Таму поминав речиси 5 години како Food & Beverage Supervisor, и научив што значи врвна услуга, беспрекорна организација и разбирање на вкусовите од различни култури. 

Таму го изострив чувството за вкус, за хармонија меѓу храна и вино.  

Таму ја запознав и културата на Шпанија, преку моите шпански колеги, нивните раскажувања, традиции и љубовта кон она што го јадат и пијат. 

На крајот добив понуда за унапредување – позиција F&B Assistant Manager – но срцето ме водеше на друго место: Мадрид. 

Мадрид – мојот дом во светот 

Се заљубив во градот уште пред да се преселам.  Денес, после толку години, Мадрид го чувствувам како свој дом.  Град со душа, со енергија, со хармонија меѓу модерното и традиционалното.  Град што инспирира. 

Каков беше процесот на прилагодување кон шпанскиот систем, на какви предизвици наиде на почетокот?

По само шест месеци престој во Мадрид, веќе добро го зборував шпанскиот. 

Комуницирав самоуверено, а нешто во мене ми велеше дека е време за нов чекор  – кон поголеми промени, нови предизвици и можеби дури и животна трансформација. 

Животното искуство од Лондон – каде самиот си го трасирав патот –ми помогна полесно да се снајдам и тука, во Шпанија. Повторно се соочував со секојдневни предизвици, но овојпат со повеќе зрелост,  трпение и самодоверба.Тоа беше моментот кога цврсто решив: останувам тука, во Мадрид, и ја менувам  професијата. Се решив за нешто што одамна тлееше во мене – сметководство.  

Токму мојата мајка, еден од најуспешните сметководители во Кавадарци, ми беше инспирација.  

Уште како дете обожував да ѝ помагам – сѐ беше рачно, без компјутери, а јас едвај чекав да добијам некое "пиши-бриши" задолжение.  

Од тогаш се гледав себеси како организиран и аналитичен човек, скроен за ваков тип на работа. 

Така започна моето патешествие низ шпанската администрација.  

Во тоа време, системот не беше целосно дигитализиран – се чекаше, се одеше по неколку пати за иста работа. Бев навикнат на поагилен пристап од Англија, па ми требаше време за прилагодување.  

Но како што велат Шпанците – paciencia (трпение).  

И навистина, системот, и покрај сè, функционираше, особено здравствениот – еден од најдобрите во Европа, ако не и пошироко. 

Кога ќе направам споредба со тогаш и денес, Шпанија е вистински пример за напредок – особено во дигитализацијата на услугите. Восхитувачки е како државата успеа да ги надмине пречките и да стане модерен и функционален систем. 

А едно мало, но драгоцено сеќавање што секогаш ме насмева: бев тукушто дојден во Мадрид, седнав гладен во бар, го читам менито и налетувам на „Perrito caliente “.  

Си велам: „Како бе, топло куче?!“И одеднаш – клик! – „Аааа, Hot Dog! “  

Од тогаш, сфатив дека на шпански сè се чита како што се пишува – па дури и имињата на холивудски ѕвезди. На пример, Chuck Norris? Тука е – Чук Норис! 

Ти си успешен економист во Шпанија. Но кој момент би го издвоил како најважен во твојата професионална кариера тука?

Патот до она што сум денес – успешен економист во областа на сметководството и финансиите – не беше лесен. Зад мене стојат години на посветеност, континуирано учење и прифаќање на секој  предизвик како можност за развој.  

Преку додипломските студии по економија и бројни специјализирани курсеви, вложив многу во моето професионално оформување. 

Како најзначаен момент во мојата кариера би го издвоил моето вработување во Accenture – најголемата консултантска компанија во светот.  Токму таму ми се отворија вистинските врати за професионален раст.  

Работејќи повеќе од шест години kako Accounts Payable Specialist, стекнав огромно искуство, се изградив како професионалец и научив што значи работна  дисциплина во мултикултурна и динамична средина. 

Тоа искуство ми овозможи подоцна да продолжам со работа во уште неколку светски признати компании во различни сектори – право, производство , обновлива енергија – сите лидери во своите  области. 

Денес, со речиси 20 години искуство како сметководител и со позиција Senior Accountant, сум благодарен за сè што сум научил по тој пат и целосно свесен дека,  како и секоја друга професија, и мојата бара постојано актуализирање и  надградување.  

Затоа сум активен член на Центарот за финансиски студии (CEF) во Мадрид, каде преку семинари и курсеви постојано го проширувам своето знаење и ги следам  најновите трендови во светот на финансиите.

Како им ја опишуваш Македонија на твоите пријатели во Мадрид? 

Кога им ја опишувам Македонија на моите пријатели и колеги во Мадрид, секогаш  почнувам со ова: „Македонија е мала по големина, но огромна по своето срце,  историја и богатство.“  

Тоа е земја со вековна историја и со културно и природно наследство што зборува само за себе – од археолошки локалитети до величествени манастири, од планини до езера, од богата традиционална кујна до длабоко вкоренети обичаи. 

Кога првпат дојдов во Шпанија, се соочив со фактот дека многумина не знаеја за Македонија.  

Некои слушнале за поранешна Југославија, некои препознаваа фудбалери од регионот, но малкумина имаа вистинска слика за нашата земја.  

Тогаш сфатив дека ние, Македонците кои живееме во странство, сме нејзините најголеми амбасадори.  

Наша е одговорноста да ја претставиме во нејзиното најдобро издание – таква каква што е: богата, уникатна и длабока. 

Отсекогаш сум верувал дека политиката и системот не треба да се мешаат со претставувањето на убавините на нашата земја.  

Македонија е многу повеќе од своите предизвици – тоа е земја што заслужува да биде раскажана преку културата, природата, историјата и луѓето. 

На моите пријатели често им зборувам за Македонија како за „библиска земја “– света земја каде што низ вековите се вкрстувале различни цивилизации.  

Им раскажувам за Охридското и Преспанското Езеро, за манастирите кои го чуваат духот на времето, за Скопје, Матка, Пелистер, Антигона, Пелагонија, Овчеполската рамнина… за богатствата на секој регион.  

За нашата кујна, која е традиционална, вкусна и полна душа. За топлиот, гостопримлив народ. 

А кога ќе стигнам до Тиквешкиот регион – тука страста ми се удвојува! 

Со чаша црвено вино во рака, детално им раскажувам за винската култура, лозарството, за веселите и гостопримливи луѓе од тој крај, секогаш подготвени за дружба, за песна и насмевка.  

Тоа е Македонија која ја носам во срцето. 

Неколку мои пријатели веќе ja имаат посетено Македонија заедно со мене – дел од нив дури и се вратија повторно. А секогаш, без исклучок, гледам во нивните очи љубопитност, интерес и желба еден ден да ја запознаат таа земја за која им зборувам со толку љубов.  

А тоа, за мене, е најголемата победа. 

Што е она што најмногу ти недостасува од Македонија, а во што најмногу уживаш во Шпанија?

Она што најмногу ми недостасува од Македонија е чувството на блискост – семејството, пријателите, топлината на домашната средина и оние мали нешта кои само дома можеш да ги почувствуваш: неделното кафе со најблиските,  мирисот на домашно зготвено македонско јадење, песните што те враќаат во  детството, празниците кои имаат посебна душа… и, секако, маалото во кое си  пораснал.  

Недостига и онаа спонтана „чаша муабет“со соседи или пријатели без повод – само затоа што така ти дошло, муабет што неретко знае да заврши со песна. 

Особено ми недостига Тиквешкото Езеро, каде имам втора резиденција, но, за жал, не поминувам онолку време колку што посакувам. Тоа е моето мирно катче заедно со пријатели, семејството, добра скара и убаво  тиквешко вино. 

Од друга страна, во Шпанија најмногу уживам во начинот на живот – балансот меѓу работа и слободно време, убавото време, и културата на уживање во сегашниот  момент. 

Луѓето се отворени, позитивни, знаат да го ценат животот и не брзаат – нешто што многу ме привлече и што со тек на време го прифатив и јас.

Уживам да се „загубам“во тесните улички на центарот на Мадрид, полни со  барови, мириси од пржено и печени деликатеси, да дегустирам тапаси и вино, да  се воодушевувам од архитектурата, широките авении, музеите, спомениците. 

Секогаш кога минувам низ центарот, се чувствувам како турист – како првпат да доаѓам во градот.  

Прошетка низ паркот Ретиро, Кристалната палата, гледање натпревар на Реал Мадрид – мe исполнува, особено кога победуваат.  

Кога дојдов пред дваесет години, Мадрид за мене беше како бисер што допрва треба да се полира.  

Денес, Мадрид го гледам како вистинска светска метропола, каде совршено се спојуваат традицијата и модерното.  Тоа е многу чист и безбеден град – би рекол, најбезбеден метрополски град во Европа. 

Шпанската кујна е едноставна, но полна со вкус и традиција.  Уживам во долги разговори со пријатели на тераса, со чаша добро вино.  Морам да напоменам дека има многу сличности помеѓу македонската и  шпанската кујна – и двете имаат влијанија од Медитеранот, а кај нас и од  Балканот.  

Секој регион во Шпанија крие своја убавина, историја и традиција – таа разноликост ме фасцинира. 

Како голем љубител на виното, често посетувам винарии.  

Особено сум приврзан кон црвеното вино, па не можам да не ги спомнам регионите Ла Риоха и Рибера дел Дуеро – вистински рај за љубителите на добар вкус. 

Во суштина, Македонија ми е коренот, душата. А Шпанија – мојот нов дом, каде што создадов семејство, каде што растам и се обликувам секој ден.  

Двете места носат различни убавини, и токму таа комбинација ме прави тоа што сум денес.  

Горд сум што сум Македонец, и исто толку горд и среќен што живеам во Шпанија.

Кои се твоите професионални и лични цели за во иднина?

Моите професионални и лични цели за во иднина се цврсто поврзани со сѐ што сум изграден досега – но и со она што допрва сакам да го постигнам. 

Професионално, сакам да продолжам да се развивам во областа на сметководството и финансиите, да ги следам најновите трендови, особено  поврзани со дигитализацијата, автоматизацијата, вештачка интелигенција и  одржливите финансии.  

Сакам да бидам дел од процеси што носат вредност – не само во бројки, туку и во стратегија и влијание.  

Можеби еден ден и да бидам дел од еден поширок менаџмент тим или да придонесувам како консултант во компании што се во раст и трансформација. 

Продолжувам да се едуцирам – затоа сум активен член на Центарот за финансиски студии во Мадрид – затоа што верувам дека знаењето никогаш  не е доволно. 

Лично, сакам да продолжам да ја негувам балансата меѓу работа и квалитетен живот.  

Да патувам, да запознавам нови култури, да градиме спомени со семејството.  

Сѐ почесто размислувам и за тоа како да го поврзам моето професионално искуство со Македонија – можеби преку некоја форма на поддршка или вмрежување со млади професионалци таму, или со учество во иницијативи за економски развој.  

Сакам да останам човек што не заборава од каде потекнува, но и што со отворено срце го гради својот пат таму каде што животот го донел. 

На кратко – моите цели се да бидам сѐ подобар во она што го правам, да не застанам со растот, и паралелно, да бидам исполнет, присутен и благодарен во секој нов ден. 

Како ја гледаш улогата на македонската заедница во развојот на односите меѓу двете земји?

Улогата на македонската заедница во развојот на односите меѓу Македонија и Шпанија е од суштинско значење – таа претставува жив мост што ги поврзува  двете култури, два начина на живот и две богати традиции.

Како потпретседател на Македонско-шпанското културно здружение, чувствувам особена чест и одговорност што сум дел од иницијатива која веќе започна да дава  конкретни резултати.  

Заедно со претседателката на здружението, Оливера Санчез – главниот иницијатор на оваа идеја – која вложи огромна енергија и посветеност во  нејзината реализација, како и со целото наше раководство, составено од  пријатели и долгогодишни соработници, создадовме стабилна основа за културно  зближување и соработка. 

Кога пред дваесетина години пристигнав во Мадрид, сонував дека еден ден и овде ќе постои македонско здружение слично на оние што постојат во Германија,  Шведска и други земји од дијаспората.  

Иако имавме обид за формирање уште во првите години – додека работев како административен соработник во Амбасадата на Македонија – тој не беше успешен  поради тогашниот мал број Македонци во Шпанија. 

Денес, преку групата „Македонци во Шпанија“и со растечката заедница од  млади, енергични и амбициозни луѓе, гледам светла иднина.  

Тоа ми дава надеж и мотивација да продолжиме со работа преку здружението – да се поврзуваме, да разменуваме искуства, да организираме културни настани,  уметнички изложби, едукативни работилници – сè со цел Македонија да биде  претставена во нејзиното најавтентично и најубаво светло. 

Посебно се радувам што имаме силна поддршка од нашата Амбасада во Шпанија и од актуелниот амбасадор Едмонд Адеми. 

Нашата соработка е одлична и искрено се надевам дека таквиот однос ќе продолжи и со неговите наследници. 

Нашата визија е амбициозна, но искрена: сакаме заедницата да расте и да создадеме свое катче – културен центар каде што ќе се негува македонскиот јазик,  традиционалната музика, игрите, гастрономијата.  

Место каде што ќе се сретнуваат генерации, ќе се пренесува идентитетот и љубовта кон татковината, и ќе се гради мост – не само кон Шпанија, туку и кон  иднината.

2.5.2025