Антонијо Тодоровиќ

Успесите на Македонците во Шпанија сведочат за тоа како спојот на различни култури може да овозможи градење на извонредни професионални кариери. Денес разговараме со Антонијо Тодоровиќ. Пристигнал во Шпанија  мислејќи дека тука ќе остане само три месеци, но со текот на времето тој период се претворил во приказна која трае 26 години. За сето ова време, тој не само што изградил успешна кариера во ИТ секторот, туку и се запишал во историјата како првиот Македонец кој работел за клубот Реал Мадрид. Во ова интервју, тој раскажува за предизвиците што ги донела преселбата во странство и за неговото успешно приспособување на новата средина, задржувајќи ја притоа својата македонска особеност.

Ти си еден од првите Македонци кои се доселиле во Шпанија во 90те. Знаејќи дека Шпанија никогаш не била традиционална дестинација за емигрирање на Македонците, дали ти ја одбра Шпанија или таа те одбра тебе?

Знам и за други Македонци кои веќе беа во Шпанија, многу пред јас да дојдам, но да, во касните 90ти бевме малкумина на број. Да бидам целосно искрен, повеќе Шпанија ме одбра мене, отколку јас неа. Веројатно е некоја судбина.

Накратко, мојата прикаска е дека добив студентска пракса во Мадрид, на еден од локалните универзитети. Професорот кај кој работев на неколку различни проекти, покрај почетните недоразбирања, беше многу задоволен од завршената работа и ми предложи да останам. Ми понуди нова стипендија, нова пракса и ми помогна околу нострификација на студиите, така да дипломирав во Мадрид. Сеуште сме во контакт со професорот, сега како многу добри пријатели, двајцата љубители на кошарката, кои навиваат за различни екипи.

Крајниот резултат е дека дојдов со идеја да бидам овде во Шпанија само 3 месеци, но еве (со мали паузи) сум веќе 26 години тука.

Какво беше твоето пристигнување во Шпанија? Дали наиде на некои културни или административни бариери во новата средина?

Мислам дека пристигнав во правите години, доволно млад да ништо не ти е тешко, а доволно неискусен да полесно ги прифатиш сите предизвици. ⁠Ги имав сите нормални административни бариери околу средувањето на престојот, конвалидација на документи и слично, ама воглавном не можам да кажам дека сум имал некои бариери или проблеми. Законските процеси на интеграцијата овде се релативно нормални. Она во што сум сигурен е дека денеска, денешните услови за новодојденци, се многу подобри, подобро организирани и полесни од оние кои ние ги имавме порано. 

Чуствата кога дојдов, не би ги дефинирал како културолошки „шок”. Мислам дека ние, како народи сме многу слични, Македонците и Шпанците, што ми помогна полесно да се интегрирам. Двата народа го имаме тој медитерански дух, знаеме да уживаме во животот, отворени сме, вредни и гостопримливи. Сакаме да споделиме, горди сме на „она нашето”. Секако, постојат и разлики, во менталитетот, начинот на кој гледаме на работите или како реагираме на истите. Искрено, на мислење сум дека јас лично сум побогат како човек, што ја имам можноста да ги видам и живеам вредностите на двата народи.

Кога стигнав во главниот град, имав чуство дека Мадрид ми ги отвори сите свои врати, ми ги откри сите свои тајни и во ниеден момент не се чуствував како странец. Напротив, мислам дека со годините поминати во Мадрид, упеав да станам “gato”, како што Мадриѓаните се нарекуваат себеси, асоцијација на уличните мачори кои касно во ноќта ги шетаат старите улици на градот, исполнети со историја. Градот има неверојатно висок квалитет на живот, и според мене е идеален за градење кариера, ако бараш урбан животен стил, ако си вљубеник во уметноста, гастрономијата, историјата, спортот... Има за секого по нешто.

Во Мадрид се чуствува некоја позитива во водухот, луѓето се шетаат со насмевка на лицето. Мадриѓаните велат “De Madrid al cielo”, во превод после Мадрид само небото (односно рајот) е поубаво и мислам дека тоа е најдобрата дефиниција за градот која ја имам чуено.

Го замени динамичниот Мадрид со сончевата Валенсија. Дали близината на морето беше пресудно за оваа одлука?

Нешто повеќе од 3 години сме веќе во Валенсија. Имаше повеќе причини за изборот на градот, но би пробал да ги издвојам само најбитните:

- веројатно најважната причина е што овде живее мојата најдобра пријателка, која е исто така Македонка, мажена за еден извонреден човек, Шпанец заљубен во Македонија. Големото и долгогодишно пријателство, од пред многу години, ни прерасна и во кумство.

- исто така, одсекогаш мечтаев да го вкусам животот покрај море, предностите и мирот кои ги пружа Медитеранот, да ги искусам различностите на
начинот на живот во споредба со еден голем град каков што е Мадрид.

- на крај, и не помалку битно, мојата сопруга, која како студент има живеено во Валенсија, одсекогаш во суперлативи ми зборуваше за овој прекрасен град, со многу историја, фантастична гастрономија и високи стандарди на живот. Со неа, градов го живееме на еден нов начин, поинаков, сеуште барајќи ги нашите нови омилени места.

Ти си успешен професионалец, со долгогодишно искуство во ИТ секторот, но кој момент би го издвоил како најважен во твојата професионална кариера во Шпанија?

Ја имав, а и сеуште ја имам, таа привилегија да во мојата кариера, работам и соработувам со некои од најголемите светски ИТ компании, да ги имплементирам нивните софтверски решенија и работам на проекти каде клиентите се големи светски брендови. Среќен сум што ја имам можноста да научам нешто ново со секој нов клиент, со секој нов проект.

Ако нешто морам да истакнам, како едно неверојатно животно искуство, тоа би била работата во фудбалскиот клуб Реал Мадрид. Знам дека на времето имаше еден млад перспективен македонски фудбалер, во помладите категории, ама ако не се лажам, мислам дека сум единствениот Македонец кој има работено за клубот. Софтверот на кој работев и го програмирав, до пред неколку години сеуште се користеше во официјалните продавници на Реал Мадрид.

Како им ја опишуваш Македонија на твоите пријатели во Валенсија?

На сите мои шпански пријатели, секогаш топло им ја препорачувам мојата татковина. Голем број веќе и ја имаат посетено. Секогаш се трудам да им ја доловам нашата култура, историја, трпеза, обичаи.

Во времето кога живеев во Мадрид, имав среќа и чест да ги запознаам повеќето (а можеби и сите) досегашни македонски амбасадори во Кралството Шпанија. Еден од нив, за жал сега покоен, ми остави посебен белег. Во еден од нашите разговори, при една прошетка во паркот Ретиро, ми кажа: Антонијо, ти можеш да бидеш поголем амбасадор на Македонија од мене! На моето чудење, ми објасни дека поради различни политички, административни или протоколарни причини, официјалните амбасадори и претставници не секогаш се во можност да го направат или кажат она што сакаат и дека ние, обичните граѓани кои поради различни причини сме одлучиле да живееме овде, сме исто така „амбасадори„ на Македонија, со нашето однесување, со информациите кои ги споделуваме и како ја претставуваме нашата држава. Од тогаш, секогаш пробувам да ја опишам Македонија онаква каква што е, убава, магична, единствена во светот. Така да сега комшијата под мене ги слуша Леб и Сол, пријателите чекаат да се вратам од Скопје со ајварот од мајка ми, ги поклонувам драмите на Горан Стефановски или

„Времето на козите„ од Луан Старова  (преведени од мои блиски пријателки), редовно ги објаснувам нашите обичаи и често готвам македонски јадења. Има безброј начини како да ја опишеш Македонија, но најлесен начин, чинам дека е, едноставно да им покажеш на битните луѓе околу тебе колку ја сакаш.

Што е она што најмногу ти недостасува од Македонија, а во што не би ја менувал Шпанија?

Она што најмногу ми недостасува од Македонија е секако мојата фамилија и моите најблиски. Мојата фамилија е некако како намерно, стратешки распространета, распостелена што се вели, помеѓу Скопје, Охрид и Куманово, и никогаш немам доволно време сите да ги видам онолку колку што сакам, кога ја посетувам Македонија. Секако, ми недостасуваат и пријателите, луѓето со кои си пораснал и со кои си делел многу нешта. Ми недостасува и „Дестан„ во старата Скопска чаршија, ми недостасува мирот на Св. Јован Канео во Охрид, ми фали мирисот на свежо направен симит во 4 сабајле во Чаир, ми недостасуваат Рекорд и Чао од мојата младост, ми фали една партија шах со дедо ми или татко ми, со една чашка муабет.Има многу нешта што ми фалат од Македонија, за жал некои веќе и ги нема.

Поради фактот дека повеќе од половина од мојот живот сум тука, во Шпанија, научив да ја сакам оваа држава. Шпанија ми пружи можности за кои не можев ни да сонувам, на кои сум повеќе од благодарен. За разлика од Балканот, мислам дека Шпанците се многу по-социјално освестени како народ, знаат како да се борат за заедничките добра и како да ги сочуваат истите. Земете го само фактот дека Шпанија е држава со најмногу трансплантации на органи во светот, тоа многу кажува. Многу полесно се приклучуваат на иницијативи за промени, за подобро утре. Чинам дека не се толку робови на историјата како кај нас. Едноставно, имаат еден свој систем на функционирање, филозофија на живот, секако, несовршен, ама е нивни систем, со нивни вредности и се трудат да го сочуваат, да го негуваат.

Секако, ова е некое мое мислење, базирано на моето лично искуство, претпоставувам дека е тешко да е валидно за сите.

Македонската заедница во Шпанија иако е многу мала, сепак во последно време е доста активна. Како гледаш на улогата на нашата заедница во зајакнувањето на односите помеѓу двете земји?

Мислам дека е многу добра иницијатива креирањето на здружението ,,Сонце”. Не само поради фактот што не постоеше никаква организација на Македонци во Кралството Шпанија или некое Македонско-Шпанско пријателско друштво, туку и поради можноста, преку една невладина организација, на еден нов начин, да се претстави и долови Македонија и македонската култура. Недостасуваше нешто вакво. Активноста на македонската заедница за прием и помош на дел од повредените во несреќниот случај во Кочани, е еден фантастичен пример на колку се начини може да се помогне и дејствува. Секоја чест на сите кои помогнаа, тешко е да се долови со зборови колку сум горд на реакцијата на нашата мала заедница.

Една невладина организација, базирана на прави вредности, може многу да влијае, помогне и допринесе не само за македонската заедница во Шпанија, туку и за запознавање на Шпанците со нашата култура и обичаи. Тоа е како еден мост кој не спојува, се надевам на и би подржал и други иницијативи од организацијата „Сонце”.  

Како една идеја за организацијата, би завршил со една интересна случка, можеби некој би рекол анегдота, која само малкумина ја знаат: при посетата на спомен куќата на славниот Мигел де Сервантес, во неговиот роден град Алкала де Хенарес, со моите родители во далечната 2010та година, со влезниците за спомен- куќата земавме и водич на англиски јазик. На последниот спрат од куќата, има една една мала библиотека со верзии на книгата „Дон Кихот” преведена на сите светски јазици. На прашањето дали имаат верзија на македонски јазик, одговорот беше негативен. Еден месец откако си заминаа моите родители, ми стигна пакет со македонска верзија на книгата, која татко ми ја купил во Скопје и желбата му беше да ја донира книгата на музејот. По некоја игра на судбината, последниот пат кога моите ме посетија во Мадрид, во 2019та година, бевме во познатиот официјален центар за учење на шпански јазик, „Институто де Сервантес” каде, на наше големо изненадување, уредно имаа запишано кој и кога ја донирал книгата на македонски јазик, која веќе беше дел од колекцијата на библиотеката. Еден мал гест, со големо значење, сите сме на некој начин „амбасадори” и „Дон-Кихоти„ на своите земји.

23.5.2025