2.10.2025
Во Гранољерс (Барселона), македонската традиционална музика сè почесто добива простор на јавните сцени. Благодарение на здружението PASSALTPAS, македонското оро се игра и во Шпанија, во рамки на програми што имаат за цел да го приближат фолклорот на различни земји до локалната заедница.
Ова каталонско здружение, со повеќе од 30 години искуство, организира часови по народни танци од различни региони низ светот. Токму македонските ора, со својот енергичен ритам и автентичност, се меѓу најомилените кај учесниците.
За македонската дијаспора во Шпанија, ваквите иницијативи се повеќе од културна размена – тие претставуваат чин на признание и зачувување на сопствениот идентитет. Во разговор за нашиот медиум, претседателката на здружението PASSALTPAS, Естел Арменгол, зборува за тоа како започнала оваа иницијатива, зошто токму Македонија е дел од нивниот репертоар, и како танцот се претвора во мост меѓу културите.
Како се роди идејата да се нудат часови по македонски народни танци во Шпанија? Што ве мотивираше да го вклучите орото во репертоарот на вашето училиште?
Ние сме непрофитна организација со над 30 години историја, со седиште во Гранољерс (Барселона), и организираме часови и курсеви по танци од различни делови на светот, особено од медитеранскиот регион. Танцуваме танци од Грција, Македонија, Бугарија, Франција, Италија, а исто така и од Каталонија, Галиција итн., од целиот свет.
Македпнското оро го откривме благодарение на професорот Сашко Анастасов, кој нè научи на македонскиот фолклор и ни ја претстави културата на својата земја.
Причината да го вклучиме орото во нашиот репертоар беше убавината на музиката и тоа колку е живо и динамично кога се игра.
Кој ги држи часовите? Дали наставниците имаат обука или директна врска со македонската култура?
Нашиот главен учител е Сашко Анастасов, кој неколку пати доаѓаше во Барселона за да нè научи на танците. Подоцна, за време на курсот, имаме локални наставници (јас сум една од нив) кои го повторуваат она што тој нè научил. Во текот на неговите предавања снимаме видеа и музика за да подобро го запомниме она што тој нè научил . Сакаме да бидеме верна копија на она што тој нè научил.
Сашко секогаш доаѓаше со музичка придружба која нè учеше на танци со жива музика (со хармоника, тапан итн.), и беше уште поинтересно и позабавно да се танцува на тој начин.
Како Шпанците ги примија овие часови? Дали покажаа интерес за македонската култура и танц?
Македонските танци се меѓу најпопуларните меѓу групата, но се многу заморни бидејќи се брзи, а понекогаш и доста тешки. Но, тоа ги прави уште поинтересни за да се играат. Имаме околу 100 македонски песни, но моментално танцуваме на околу 20 или 30.
Дали сметате дека танцот може да биде културен мост помеѓу Македонија и Шпанија?
Апсолутно! Со текот на годините, со професорот Сашко изградивме мост на пријателство помеѓу двата народа.
Вашето училиште има настапи на многу културни настани и фестивали. Како реагира јавноста на македонскиот фолклор?
Обично на луѓето им е тешко на почетокот да се вклучат во орото, бидејќи за нас шекрите се доста комплиринаи, но во исто време, таа комплиицраност на чекорите привлекува најмногу публика. На нашите настани на отворено, каде што го отвораме кругот за сите да можат да танцуваат со нас, македонското оро е едно од најпопуларните танци.
Каква порака би сакале да ѝ пренесете на македонската заедница во Шпанија?
Имате прекрасна, прекрасна култура, која треба да се зачува, како и културите на сите народи. Никогаш не престанувајте да танцувате и да пеете!
Како можат заинтересираните лица да се пријават или да учествуваат на вашите активности?
Имаме две фолклорни групи во Гранољерс и Сан Селони (30 км од Барселона), и танцуваме секоја недела. Исто така, одржуваме работилници за време на викендите за да научиме повеќе и да откриеме повеќе за културата на секоја земја и приказните зад танците и музиката.
За сите наши активности може да дознаете од нашите прифили на Инстаграм и Фејсбук, каде што објавуваме сè што правиме.