9.4.2025
Лаура Марин е млада шпанска музичарка, позната по нејзината љубов кон балканската музика и нејзината способност беспрекорно да пее песни на македонски јазик. На 9годишна возраст го открива својот интерес кон нашата музика, откако случајно на Јутјуб ќе чуе македонски песни.
Нејзината посветеност и талент и донесоа голем број на следбеници на социјалните мрежи, од кои многумина се Македонци.
Успехот на Лаура покажува како љубовта кон културата и јазикот ги надминува границите и како музиката може да обедини луѓе од различни делови на светот. Нејзиниот најголем сон е да ја продолжи својата музичката кариера на Балканот, иако засега живее во Шпанија, каде ги завршува своите студиите на Универзитетот во Коруња.
Денес со нас, Лаура ги споделува своите музички почетоци и патот кој ја довел до запознавањето со македонската музика и култура.
Како ја откри македонската музика и што е тоа што најмногу те заинтересира за да ја истражуваш подетално ?
Кога имав девет години почнав да се интересирам за музиката од поранешните југословенски земји. Добро се сеќавам кога првпат слушнав песна на македонски, тоа беше верзија во живо на Јовано Јованке од Тоше Проески и Биља Крстиќ. Звукот на кавалот и нивниот гласовен дует ме хипнотизираа. Таа верзија ја слушав постојано и постојано неколку недели.
Дали постои некој македонски уметник што го сметаш за твоја најголема инспирација?
Мислам дека е невозможно да се размислува за македонската музика без да се размислува за Тоше Проески. Беше и продолжува да биде сакан од сите. Не само поради неговите песни, туку и поради неговата енергија и љубов .Тој беше исклучителна личност и музички пример за мене.
Друг уметник на кој длабоко му се восхитувам е Калиопи. Сметам дека, објективно, таа е моментално најдобриот глас на балканската сцена. Нејзиниот репертоар и нејзината интерпретација се неверојатни.
Дали си имала можност да ја посетиш Македонија?
За жал сè уште не. Би сакала да ја посетам целата земја, но особено Скопје и Охрид.
Како балканската музика влијаеше врз твојот музички стил и компонирање?
Балканската музика е љубовта на мојот живот, ја слушам од својата деветта година. Од многу мала ми беше јасно дека сакам да се посветам на неа. Досега имам издадено само две мои песни, така што мојот стил не е многу дефиниран, но знам дека ќе продолжам по балканскиот пат.
Дали си соработувала или би сакала да соработуваш со некои македонски музичари?
Не сум имала прилика, особено што не живеам на Балканот бидејќи живеам и студирам во Шпанија. Сепак, многу би сакала да соработувам со Калиопи и со Каролин Велковски.
Кое е твоето размислување, на кој начин сметаш дека музиката може да биде мост за обединување на културите, особено помеѓу Шпанија и Македонија?
Музиката е универзален јазик и за да се разбере, не е потребно само увото, туку и срцето. Верувам дека музиката е најдобрата алатка за прво зближување меѓу две земји. Всушност, слични народи живееле и живеат во Шпанија и Македонија ( сефардските Евреи, ромите..) и нивното влијание врз нашата музика е мост што понекогаш не го разбираме.
На твоите социјални мрежи имаш многу македонски следбеници. Што би ѝ порачала на твојата македонска публика во Шпанија?
Пред се зборови на благодарност. Македонската публика е исклучителна во својата почит. Поради политичките тензии на Балканот, честопати во кометарите на моите видеа има говор на омраза, но нема да згрешам ако кажам дека единствената балканска нација која не се расправа во коментарите на моите социјални мрежи се Македонците. Секојдневно добивам убави пораки од Македонци кои уживаат во моите настапи и секогаш ќе бидам благодарна за тоа.
Ако треба да ја опишеш Македонија во песна, какви теми или емоции би внела?
Првото што ми паѓа на ум е Македонско девојче, песна која ја опишува македонската убавината . Би ја вклучила и Македонија од Дадо Топиќ и хрватската група Тајм, која е одраз на тоа колку Македонија е сакана од сите кои ја познаваат.
Кој е твојот најголем сон како уметник, особено кога истражуваш интернационални ритмови како на пример балканската музика?
Би сакала да бидам успрешна пејачка на Балканот, а пошироката јавност да не приметува дека сум од Шпанија. Иако уживам во турбофолкот или Ех-Ју рокот, традиционалната музика е онаа која најмногу ми се допаѓа. Би сакала да го следам патот на уметниците како Амира Медуњанин или Божо Вреќо и да пеам во земјите од поранешна Југославија.
Моментално студирам на Универзитетот во Коруња, бидејќи мислам дека е важно да имам план Б на професионално поле. Се надевам дека ќе продолжат да се појавуваат можности како онаа што ја имав минатиот септември во Мадрид, кога наспатив на прославата на 30 години дипломатски односи помеѓу Македонија и Шпанија и дека за неколку години мојата музичка кариера ќе се зајакне и ќе го најде својот пат до балканската публика.
Која порака би сакала да ја споделиш со младите уметници кои, исто како тебе , се трудат да истражуваат и работат со други култури освен нивната?
Нека секогаш го следат своето срце. Културата нè хуманизира; Таа е дел од историјата која доаѓа директно од народот. Познавањето на другите култури и нивното блијание во нашите животи (без разлика дали е тоа преку книги, песни или соживот со други луѓе) нè збогатува како луѓе.