22.4.2025
Во периодот од 1-31 март 2025 година, нејзината уметничката фотографија беше изложена во метро станицата Нуевос Министериос во Мадрид.
За ова несекојдневно уметничко доживување, Билјана ќе ни го каже следново:
Во март 2025 имав можност да учествувам на изложбата Contemporary Art Station во Мадрид, несекојдневна уметничка платформа поставена во самото средиште на градот: метро станица.
За оваа прилика ја избрав фотографијата со наслов Fade Out, која ја изразува крхкоста и слоевите на флуидноста на широк спектар на егзистенцијални теми како животот, минливоста и соништата.
Уметноста овде не беше во класична галериска форма, туку во простор низ кој се движат луѓе, мисли, навики. Моето дело беше дел од тој пулс, не како дестинација, туку како момент на успорување и задршка во движењето .Гледано од патници, случајни поминувачи, Fade Out живееше во друг контекст : како визуелен збор сред урбана бука. Моделот ми беше ќерка ми Сања Петреска со која отидовме во Мадрид да ја видиме нашата творба.
Билјана имаше можност и самата да се увери во магијата на метро станицата претворена во светска уметничка галерија. Нејзините впечатоци од учеството на оваа изложба се следниве:
Присуството на делото во тој јавно - интимен простор ми остави силен впечаток. Тоа беше една тивка, но значајна форма на комуникација- уметноста која постои без да бара внимание, но се забележува ако погледот застане.
Мадрид ме дочека со својата топла светлина, широки улици и постојан ритам. Еден град во кој се судираат историјата со модерноста, местата на тишина и хаосот на секојдневието. Патувајќи низ него, чувствував како да секој агол носи сопствена текстура, од плоштадите исполнети со живот, до сенките на старите фасади кои шепотат свои историски приказни. Се враќам со впечаток дека и избледувањето (Fade Out) знае да остави трага , особено кога ќе се слушне меѓу звуците на метрото, меѓу чекорите на градот кој не мирува.
Повеќе за уметничките дела на Билјана може да видите на нејзината интернет страна www.biljanapetreska.com